Временска прогноза
Македонија под снег – еве каде има најмногу снежна покривка
Попова Шапка утрово осамна во вистинска зимска идила – со снежна покривка од 26 сантиметри и температура од –4 степени. Според податоците на УХМР, ова е најстудената точка во земјата денеска, а снег има и во други планински региони.
Во Маврови Анови се измерени 12 сантиметри снег, додека во Лазарополе висината достигна 16 сантиметри. Ѓуриште има шест сантиметри, а Дебар три.
Температурите се движат во негативни и ниски вредности: –2 степени во Маврово и Лазарополе, нула во Крушево, еден во Тетово, а само 3 степени се измерени во Скопје–Петровец, Зајчев Рид, Куманово, Велес и Битола. Најтопло е во Гевгелија со 5 степени.
Изминатите 24 часа донесоа обилни врнежи, при што најмногу дожд падна во Струмица – дури 52 литри на метар квадратен, веднаш потоа следуваат Гевгелија со 51 и Демир Капија со 50 литри.
Според прогнозата на УХМР, денот ќе продолжи со променливо облачно и студено време, со повремени врнежи од дожд, а на планините со снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а максималните температури ќе бидат меѓу 3 и 11 степени.
Во Скопје времето останува облачно и студено, претпладне со врнежи од дожд, а на повисоките делови и со снег. Засилен северен ветер ќе ја засили студената атмосфера, а максималната температура ќе се движи околу 7 степени.
Македонија доби мала зимска најава уште на почетокот на октомври – и тоа со вистинска снежна слика на планините.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

