Колумни
Каква цена таков и квалитет – внимавајте што купувате!
Вистинското прашање би било колку цената на производот е мерило за квалитетот кога самиот производител ја создава сакајќи што е можно подобро да се позиционира на пазарот.
Изминативе два дена во јавноста излезе информација за сокови за деца кои се продаваат по ниска цена, но со квалитет што е крајно спорен.
Детски сок, спакуван во колоритна и шаренолика амбалажа, доволно упадлива да ги заинтригира детските очи, посебно оние деца кои се доволно големи да купуваат сами, а недоволно да знаат да оценат што е добро а што не. На чистиот „отров во невина детска амбалажа“, како што беше квалификуван од загрижениот родител, стоеше едвај читко наведена листа на емулгатори и адитиви од различни категории, со силна моќ кон вештачко креирање на вкусот и уште посилно негативно влијание врз здравјето, моториката и когнитивните способности на децата. Најиндикативно кај овој производ беше цената од 5 денари. Цена доволно допадлива за децата, кои не знаат доволно и чија логика достига до заклучокот „помалку значи повеќе за мене“ но исто така и за несовесните, кои без грам совест и скрупули токму ваков производ создаваат и го прават најдостапен.



