Колумни
ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Врвните доживувања се креативност…
Креативноста е орудие против баналноста, креативните луѓе се модератори на квалитетен живот, креацијата сексот го претопува во водење љубов…
Кога креираме креативност заради креативност, нештата стануваат уметност заради уметност, а животот чиста поезија, па да ви „испоетизирам“ нешто квалитетно од книгата „Секс и како да се надминеме себе си“ од д-р Светлана Здравковиќ, специјалист по медицинска психологија во Белград (слободни толкувања на податоци од книгата).
Квалитетниот секс е извор на среќа, она за што не зборуваме, а ни ја поттикнува креативноста. За жал, малку се оние што се задоволни со својот сексуален живот, исклучително важен за хармонично и квалитетно секојдневие. Предрасудите, стереотипите, стравовите, лоши сексуални искуства и сл. се причина за сексуалната збунетост и фрустрации, чувство на нерешливост и очајно помирување со состојбата која станува апатична инертност. Дури и еманципираните жени игнорантски ги поднесуваат проблемите задоволувајќи се со задоволениот партнер (читај „себесебичност“). Секако, истата проблематика уште пострашно ја доживуваат мажите, за нив импотентноста е ноќна мора и денски хорор, а за „ситните“ проблеми на крупно ја обвинуваат партнерката (читај машки егоизам).



