Колумни
Лудакот гледа со нос подобро отколку со очи
,,Мирисот е поубедлив од зборот, изгледот, чувствата и волјата.Од убедливата сила на мирисот не можеме да се одбраниме, влегува како зрак во нашите гради, не исполнува и не постои средство против нејзината продорна сила ” – Патрик Зискинд во романот ,,Парфем”
Колку и да му изгледаш на светот како Бог поради поседувањето формули за најскапи парфеми, немаш љубов кон светот, зашто си роден без да почувствуваш човечки мирис…
Богат, есенцијален стил на изразување на авторот, хипер деталистички опис и магијски реализам врз читателот прават атак на сетила, баш како и моќта на парфемите. Не постои нешто што нема мирис, освен злото, родено во смрдеа, живее одземајќи ги сите животни мириси на убави млади девојки, кои на светот со љубов би му дарувале човечки живот – оној кој му бил одземен на главниот лик Jean-Baptiste кога излегол од стомакот на мајка чедоморка и бил оставен во смрдеа.
Предодреден за потенцијален убиец , роден и чуван без љубов, задоен кај платени доилки без чувства, растен без есенцијалната емоција љубов, грд со инстинкт на животно со својата појава шири омраза и всадува страв, но генијалната способност за препознавање мириси ќе ги отвори ноздрите на светот кој алчно , каков што е и тој, ќе ги впива неговите парфеми.



