Колумни
Татјана Алексиќ: Кугуарки… сакаат ли жените помлади мажи?
Помлад, постар или врсник – имаме ли гаранција за складна врска и разлика во годините? Ни гаранција ниту пак правила, а и да ги имаме секогаш има исклучоци од правилата.
Веќе четири децении од култниот филм „Дипломец“ со Дастин Хофман, а госпоѓа Робинсон не се симнува од малите и големите екрани, се повеќе ја има и во реалниот живот! Многумина се убедени дека светски тренд или „мода“ е комбинацијата постари жени со помлади мажи, лансирани од светски познатите sвезди како Деми Мур (упссс, веќе е разведена од помладиот Ештон Кучер), Мадона, Сузан Сарадон, Мараја Кери… Да ве потсетам на веќе подзаборавените Иво Погорелиќ и неговата Русинка, дваесет години постара професорка по клавир.
Но во едно општество, се уште стокмено во машки род, на жените со помлади партнери се гледа со помалку симпатии отколку кога е обратна комбинација. Ако sирнеме низ минатото можеби ќе налетаме на некоја наша баба или тетка која на „измама“ земала помлад маж или „нужно“ се омажила со помлад поради војните мобилизации, кога постарите мажи биле дефицит. Спротивно од тоа, мажи со драстично помлади жени предизвикувале и предизвикуваат восхит, ретко завист или презир од околината. Таквиот сексизам и нееднаков општествен третман го поддржувала и црквата со благослов ако мажот не е постар повеќе од 15 години од својата избраничка, а за жените е „простено“ дури до 3 години разлика, над тоа веќе не е христијански!



