Колумни
Татјана Алексиќ: Живот на одложено
Одложено плаќање, одложено лекување, одложени закони и казни, одложени активности, диети, разговори, средби, одложено студирање, учење лекции (школски или животни)…
Разговорно или народски одолговлекување, а стручно или на латински прокрастинација (pro –напред и crastinus – утре) е сериозен животен проблем. Понекогаш е само тривијален и безопасен (како одложено пеглање на пример ), но кога станува животен стил или навика работите или проблемите да се оставаат за утре и во недоглед, станува животен проблем.
Скарлет О‛Хара имала право кога во култниот филм „Одвеано со виорот“ мудро поентира со познатата реплика „Утре е нов ден, утре ќе мислам за тоа“ мислејќи дека е подобро работите да преспијат, но животното искуство постојано предупредува со народната мудрост „ што можеш денес не оставај за утре“ или „кој рано рани две среќи граби“ (а може и да се проsева цел ден ). Одложувањето е одбранбен механизам поради ниската толерантност на фрустрацијата , некогаш последица на депресија и анксиозност, а не ретко и поради перфекционизмот и страв од неуспех.



