Модни трендови
Антониа, Туна, Тамара, Васил и Викторија преку обувките на дизајнерот Сатја Грабулоски порачаа „Седи дома“
Пет македонски музички ѕвезди – Антониа Гиговска, Тамара Тодевска, Васил Гарванлиев, Туна и Викторија Лоба, се дел од најновата кампања на компанијата SWithADot. Под мотото „Седи дома“, компанијата која изработува уникатни обувки, им направи необични топлинки на македонските пејачи. Секој пар е со оригинален дизајн, прилагоден на карактерот на секој од нив.
„Дизајнот на Тамара е инспириран од поп-арт бидејќи таа е ведра, смела, позитивна жена; дизајнот на Антониа е младешки во камо стил; Туна обожава анимал-принт па затоа се одлучивме за таков стил, а пораката ‘Седи дома’ е напишана на албански јазик; дизајнот на Викторија вклучува гладиоли, нејзиното омилено цвеќе во нејзините две омилени бои; а Васил сам ги нацрта сите елементи што се насликани на неговите обувки и ние само ги пренесовме на нив за да бидат автентични“, раскажа Сатја Грабулоски, дизајнер и сопственик на компанијата.






