
Ви препорачуваме
Како да ја заштитиме кожата во деновите кога загаденоста на воздухот е превисока?
Според светската здравствена организација (СЗО) 22% од луѓето ширум светот живеат во градови кои не ги исполнуваат стандардите за квалитет на воздухот на СЗО. Човечките активности што доведуваат до загадување и оштетување на животната средина се од најразличен вид и меѓусебно поврзани, а аерозагадувањето влијае повеќекратно врз здравјето на луѓето.
Еден од најпогодените делови е човековата кожа и токму затоа, за штетното влијание на загадениот воздух врз овој дел од човековото тело, како и за начините како да се заштитиме во деновите кога воздухот е најзагаден зборувавме со д-р Наташа Теовска Митревска, специјалист дерматолог. Таа е магистер по јавно здравство и е активен член на бројни здруженија од областа на дерматологијата, алергологијата и естетската медицина, а веќе 10 години е и дел од тимот на ПЗУ „Ремедика“.
Според д-р Теовска Митревска иако човековата кожа делува како биолошки штит против про-оксидативните хемиски и физички загадувачи на воздухот, продолжената или повторувачка изложеност на високи нивоа на овие загадувачи може да има длабоки негативни ефекти врз кожата.



