Висококвалитетните премиум вина од „Стоби“ освојуваат три континенти
Висококвалитетните вина од класик и премиум линиите на винарницата „Стоби“ се најчестиот избор на потрошувачите во земјава, но и на тие во Русија, Кина и Америка, што во првите три месеци од 2019 резултираше со раст од 30 отсто на продажбата во споредба со истиот период минатата година.
Сето тоа е резултат на добрата продажба на домашниот и регионалниот пазар, но и на повеќе од 15 интернационални пазари во Азија, САД и Европа на кои може да се најдат вината „стоби“. Најдобри резултати во првиот квартал од 2019 година, оваа винарница оствари во Русија, Кина и во Америка, но значајно зголемување на продажбата во однос на истиот период минатата година е регистрирано и во Холандија, Данска и Белгија.
Освен на домашниот и на регионалните пазари, најголеми продажби винарницата „Стоби“ остварува во Русија каде што во последните неколку години, просечниот пораст од година во година е над 100 отсто. Со тоа, винарницата „Стоби“ е единствена винарница од Македонија која продава вино на рускиот пазар во толкав волумен. Освен рускиот, еден од носечките пазари за винарницата е и кинескиот, каде што вината „стоби“ веќе се продаваат во 23 специјализирани, брендирани „стоби“ продавници низ повеќе градови во Кина. На овој пазар продажбата во првите три месеци од 2019 година е зголемена за 80 отсто споредено со истиот период лани.




