„ЗАИГРАЈ СО НАС“ – проект за физички и социо-емоционален развој на деца со атипичен развој
Во организација на Спортплан Македонија започнува нов проект „ЗАИГРАЈ СО НАС“ кој е наменет за деца со атипичен развој.
Проектот има за цел да ја реанимира потребата на оваа ранлива категорија на деца и млади во делот на стимулација на физичкиот развој како и социо-емоционалниот развој преку друштвени игри. Во проектот се вклучени професионално обучени стручни лица од оваа област кои со безусловна љубов кон овие деца ќе им помогнат во достигнување на одредени цели за развојот на нивната целокупна психофизичка состојба.
Децата и младите со атипичен развој во секојдневниот живот за жал, многу често се запоставувани, а понекогаш и целосно исклучувани од физичките активности. Верувам дека тоа не се прави намерно, туку поради недоволното разбирање и откривање на способностите што ги поседуваат овие деца и млади. „ЗАИГРАЈ СО НАС“ е иницијатива што ќе им пружи можност на овие деца и млади да го покажат својот потенцијал, да промовираат вклучување во социјалниот живот и да отворат нови можности во сопствените животи.





