ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Вилијам Шекспир
„Со раѓањето плаќаме за стапнувањето на големата сцена на будали“
Генијалецот ќе биде обожуван и од кралската свита и од народот, неговите дела, после библијата, се најчитаните низ светот. Умешно ќе комбинира комедии, трагедии, историски и љубовни драми, ќе се спротистави на традиционалното мислење, уште од времето на Аристотел, дека уметноста само ја подражава природата и ќе создаде силни, сложени трагични ликови инспиративни за сите времиња.
Живот како загатка Роден е на 160 км северозападно од Лондон, во Стратфорд, крстен на 26 април 1564 година (тогаш бебињата се крштевале три дена по раѓањето, затоа за негов роден ден се смета 23 април). Истата година кога е роден, од вкупно 1600 жители во Стратфорд 15% умираат од епидемијата на црната смрт – чума.


