ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Волфганг Амадеус Моцарт
„Чувствувам како да сум целиот проткаен од музика. Музиката живее во мене.“
Неговата божествена музика сѐ уште е ненадминлив императив за светските композитори. Големиот руски композитор Чајковски , откако ја слушнал ,, Дон Џовани” на Моцарт, решил да ѝ се посвети на музичката кариера. Моцарт – музичко чудо, на три години се ,,игра” со типките од клавир и покрај кусиот животен век остава вонвременски симфонии и концерти. На крштевката го добива името Johan Hrizostom Volfgang Teofil Mocart, а подоцна прекарот Амадеус – оној кој ги сака боговите.
Истоимениот филм ,,Амадеус” на режисерот Милош Форман, расветлува добар дел од неговиот 35 годишен животен век, благодарение на писмата кои ги пишувал на татко му Леополд, додека патувал низ Европа, и со кого бил исклучително близок. Леополд бил вешт музичар, но со просечен талент во споредба со синот.Мајка му била интелигентна и духовита жена со ведар дух, сакала да се шегува и шеговитоста му ја пренела на синот. Роден во Салзбург, како четврто дете. Од вкупно 7 деца преживуваат само Моцарт и сестра му Нанерл.


