Сцена
Денеска е светски ден на театарот
Меѓународниот ден на театарот – 27 март, денеска низ светот ќе се одбележи со претстави и читање на пораките за сценската уметност. Француската филмска и театарска глумица, 64-годишната Изабел Ипер е автор на светската порака, а македонската порака ја напиша Благој Мицевски, костимограф, режисер, уметнички директор на Народниот театар од Битола.
– Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како се вели: „Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија, вели Ипер.
Меѓународниот ден е проект инициран од ИТИ – Интернационалниот театарски институт, меѓународно здружение на УНЕСКО основано со цел да се поврзат театарските работници и полесен проток на информации меѓу нив.




