Сцена
Игор Ангелов прави список на „Сите најубави нешта”
Премиерата на монодрамата „Сите најубави нешта” работена според мотиви на Данкан МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на популарниот македонски актер Игор Ангелов закажана е на 1 октомври во Центар – Јадро.
Оригиналниот наслов на монодрамата е „Every Brilliant Thing“, а приказната е за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот како возрасни. Заснована на вистинити и невистинити случки, оваа монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување.
„Се работи за посебно интимно театарско искуство во кое публиката добива задачи и е активно вклучена од моментот на влегување во просторот за изведба. За време на „Сите најубави нешта” гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот. Од претставата излегувате со чувство на благодарност и олеснување. Вистинска катарза.“, вели Игор Ангелов.





