Сцена
Битолскиот театар започна со пробите за одбележување на јубилејот
Ансамблот на НУ Народен театар – Битола, започна со пробите за претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, која на 14.ноември ќе биде изведена по повод 80 години постоење на оваа институција.
Јубилејот ќе го одбележат токму со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.
„Целата екипа е веќе на сцена, подготвена да ви го донесе ова ремек-дело кое ја доловува душата на македонската култура и историја. Не пропуштајте ја шансата да бидете дел од овој незаборавен театарски момент“, истакнуваат од Битолскиот театар.





