„Џифони Македонија“: Да го чуеме гласот на младите и да го направиме овој свет подобар
Филмските работилници секогаш се голем предизвик да се успее во неколку дена да се раскаже филмска приказна, преку разговор и дружење да се научат најосновните елементи на филмскиот јазик, да се направат кратки вежби за опсервација, лична и на околината и да се насочат младите филмаџии како да размислуваат и да ги визуелизираат своите идеи.
Младите снимија интересни приказни кои се надевам дека ќе нè натераат да размислиме, и секако, да дејствуваме, да го чуеме нивниот глас како да го направиме овој свет подобар – вели режисерката Марија Џиџева, која ја водеше оваа работилница на 9. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони“. Вчера завршија со работа сите работилници и другата филмска програма, а вечерва во 19.30 часот во Кинотеката ќе се одржи завршната вечер каде ќе биде прикажано сработеното, а ќе бидат прогласени најдобрите филмови во сите натпреварувачки категории. Завршната вечер ќе биде пренесувана и на фејсбук-страницата на фестивалот.
Какво искуство им беа работилниците на кадетите и сениорите? Работилницата за дигитален дизајн ја водеше проф. Ладислав Цветковски. Тој им откри дел од тајните за дизајнирање постови за социјални мрежи, со цел да научат како со слика и куса порака да креираат оригинален пост, преку кој ќе го искажат својот став на тема која тие самите ќе ја изберат.






