Настани
Јасмин Леви за првпат во Скопје: Музичка дива која со својата музика гради емотивни мостови меѓу луѓето
Поради големиот интерес на публиката, Јасмин Леви, големата ѕвезда на world music сцената ја продолжува својата балканска турнеја со концерт во Скопје на 7 април 2024 година во големата сала на Македонската филхармонија. Изведувачката на безвременските хитови “Una noche mas”, “Alegria”, “Adio kerida” за првпат во својата кариера ќе настапи во Македонија, по големите концерти кои минатата година ги одржа во Белград, Нови Сад, Бања Лука и Сараево. Сите концерти беа распродадени во рекорден рок и станаа музички настани за кои најмногу се зборуваше изминатата година.
Леви е родена и израсната на Блискиот исток, кој го опишува како вистинска мешавина од народи и култури. Пораснала под влијанието на медитеранските култури, како и на разните музички влијанија од класичната музика до современиот џез кои успешно ги обединува во својот уникатен уметнички израз.
Откако го освои светот со песните и албумите “La Judería”, “Mano Suave” и “Libertad”, славната уметница работи на објавување на новиот албум “Mujer” (Жена), од кој веќе изведува песни на новите концерти.




