Настани
„Макфест 2023“ годинава најавува: Македонската музичка „прва лига“, неколку домашни суперѕвезди и музика за сите вкусови и возрасти
Како што најавија организаторите, годинешново 38-мо издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“ во Штип, според списокот на музички имиња и квалитетот на песните кои ќе ги изведуваат, ветува уште посодржајна и поатрактивна музичка понуда од минатата година. Ако фестивалот лани направи крупен исчекор од „неколкугодишната летаргија“, годинава се очекува тој со крупни чекори „од седум милји“ да зачекори кон изданијата од своите најдобри денови во долгата и богата историја.
За тоа гаранција даваат најнапред избраните композиции во обете фестивалски вечери. Првата вечер на млади надежни имиња и фестивалски дебитанти воедно има и натпреварувачки карактер, зашто половината најдобри од неа ќе се најдат на сцената на “Макфест 2023“ и во следната, ревијална вечер, рамо до рамо со поголемите, попознати и веќе етаблирани естрадни имиња.
Некои од нив како Драгана Јовановска, Тијана Периќ, Бранкица Свирков – Бани (во дует со Томе Токи), Марија Грујовска, Александра Трајческа… веќе имаат големо естрадно искуство, зашто некои од нив учествувале на поголеми и помали домашни и регионални музички, талент, шоу натпреварувања и фестивали, па поединци дури имаат и фестивалски победи или освојувале друг тип награди.






