Настани
Октомври традиционално станува месец на „Киненова“: МФФ „Киненова“ од 7-14 октомври под слоганот „Првиот остава трага“
Од 07 до 14 октомври ќе се одржи новото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“, под слоганот „Првиот секогаш остава трага“.
Со проекции во „Милениум“ и во Кинотека, организаторите по седми пат на домашната публика ќе и’ ги „подарат“ актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи бројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори.
-Октомври традиционално станува месец на „Киненова“. Секоја година се снимаат се’ поквалитетни деби остварувања, и како селектор се соочувам со слатки маки кои филмови да влезат во конкуренција за фестивалските награди, вели програмскиот селектор Игор Анѓелков, кој на домашните филмофили им препорачува „и оваа година да не ја пропуштат „КинеНова“, затоа што овој фестивал нуди возбудливи програмски содржини низ фокусиран концепт, кој е единствен од ваков вид кај нас“.





