Настани
Со проекција на канскиот победник „Триаголник на тагата“ започнува 25. издание на Скопје филм фестивал
На 9-ти септември (петок), со отворањето на изложбата на плакати по повод 25 години Скопје филм фестивал (СФФ) во галеријата на Кинотеката на С. Македонија, со почеток во 19 часот и потоа во 20 часот со проекцијата на канскиот победник „Триаголник на тагата“ започнува јубилејното 25 – то издание на фестивалот.
-Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја поканувам нашата публика во петок и во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на плакати за фестивалот, потсетување за тоа како растеше и созреваше Скопје филм фестивал и ние заедно со него, како и одбележувањето на 50-годишнината на серијалот „Кум“ на Френсис Форд Копола, програма реализирана во соработка со Кинотека на С. Македонија – вели Татјана Јаневска, директорка на Скопје филм фестивал.
Фестивалот за своето 25. издание носи разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди играни и документарни филмови поделени во неколку целини: Програма на светски филм, Фокус на европски филм, Програма на авторски филм и Ретроспективата 50-години „Кум“. Годинава сите филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката на С. Македонија.





