Настани
Утревечер гостување на Хрватски гитарски квартет во Македонската филхармонија
Познати дела од класичната музика до композиции од хрватски автори ќе изведе Хрватскиот гитарски квартет утревечер во Скопје.
Утревечер, во 20.30 часот, на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
„Со големо задоволство го најавуваме нашиот прв настап во Скопје. Нашата програма е идеална комбинација на познати дела од класичната музика до понови композиции претежно од хрватски автори. Некои од овие композиции се напишани само за нас за концертниот настап, а помеѓу другото, скопската публика ќе има можност да го слушне и познатото Фанданго од Луиџи Бокерини и неодамна компонираните Багатели од хрватскиот композитор Зоран Јураниќ, чиј втор став Онмаџо а Нино Рота сосема плени. Концертот ќе го завршиме со композиција на Астор Пјацола, што е големо задоволство и за нас што ја изведуваме, но и за сите што ќе имаат можност да ја слушнат. Бидејќи овој концерт е посветен на жената за крај од нашиот настап подготвивме и изненадување за сите дами. Со нетрпение го очекуваме Скопје и прекрасната акустика на салата во Македонската филхармонија, за која толку многу слушавме изминатиов период“, велат музичарите од Хрватски гитарски квартет.





