Настани
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата на скулпторот Славчо Спировски
Синоќа во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб беше отворена самостојната изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на македонскиот скулптор Славчо Спировски, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.
Директорката на Центарот, Наталија Поповска истакна дека ѝ е особено драго што токму концептуалната уметност на Спировски го заокружува годинашниот циклус изложби што во хрватската престолнина ја претставуваат македонската уметност со помош од нашето Министерство за култура.
-Творештвото на Славчо Спировски е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста кои се темелат на сопствената и светската традиција и личната историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности го гради неговиот индивидуален ракопис и автентична ликовна философија. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефелограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставува активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото – рече во промотивната реч кустосот на нашата Национална галерија Горанчо Ѓорѓиевски.






