Настани
„Заедно“ со оркестарот на Македонската филхармонија
Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Заедно“ на кој ќе бидат изведени Концертот за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“, оп. 14 од Хектор Берлиоз. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти ќе настапат виолинистката Софи Хајнхрих (Австрија), пијанистката Марија Вршкова (Македонија) и виолончелистката Михе Рио (Кореа).
Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро, којшто е чест диригент со Филхармонија на РСМ, а пред една година беше и почесен гостин диригент со нашиот оркестар. Овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен беше на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здоби со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостиндиригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.







