Настани
Започнува 12. издание на Филмскиот фестивал за млади : 450 млади од осум земји на „Џифони Македонија“ од денеска до 8 октомври
Повеќе од 450 учесници од осум земји од вечерва ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации за џифонците – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 8 октомври ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен вечерва (3 октомври) во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.
Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (6 до 9 одделение), кадети (I и II средно) и сениори (III и IV средно).
-Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал, продолжуваат да работат на полето на филмот – рече Дарко Башески, директор на фестивалот.







