Сцена
Нетфликс ги прекинува врските со Кевин Спејси за серијата „Кула од карти“
Стриминг сервисот Нетфликс соопшти дека ги прекинува односите со Кевин Спејси за серијата „Кула од карти“ по обвинувања кон актерот за сексуални напади.
Нетфликс објави дека повеќе нема да учествува во финансирањето на серијата „Кула од карти“, ако Кевин Спејси продолжи да глуми во неа. Компанијата ќе продолжи да работи со продуцентската куќа Ем Ар-Си, која е копродуцент на серијата, за да се процени дали таа може да биде завршена без Спејси.
Нетфликс, исто така, одбива да стримува филмот „Гор”, во кој Кевин Спејси е копродуцент и ја игра улогата на писателот Гор Видал. Филмот во моментов е во пост-продукција и се очекуваше во кино салите да се појави следната година.




