Сцена
Нов проект на ЕГЗИТ со Светската програма за храна на Обединетите нации
ЕГЗИТ (EXIT) фестивалот во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот, го покренува проектот „Лајф Стрим“ (Life Stream), чија цел е со заеднички сили да се помогне на милионите луѓе ширум планетата, кои поради пандемијата на Ковид-19 дојдоа до раб на екстремен глад.
„Лајф Стрим“ ќе ги собере големите светски и регионални музички имиња кои од 3 до 6 септември годинава ќе настапат на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, за милионската публика преку интернет. Посебен сегмент од проектот ќе биде посветен и на промоцијата на локацијата пред публиката ширум планетата.
Како што случаите со коронавирус се шират ширум светот, пандемијата создава сѐ поголеми проблеми, особено меѓу оние кои се наоѓаат на првата линија на климатските промени, борејќи се често со сушата, бурите и поплавите кои го отежнуваат производството на храна, влошувајќи го проблемот со гладот и туркајќи ги луѓето во уште подлабока сиромаштија. Со оглед на тоа дека пандемијата ќе доведе дури 270 милиони луѓе во проблем со екстремен глад пред крајот на 2020 година, што е зголемување за 80 отсто во однос на претходната година, последиците ќе бидат најсурови за оние кои се и без тоа веќе ранливи.




