Сцена
„Златна бубамара“ за музичкиот амбасадор Симон Трпчески
Златна Бубамара на популарноста во категоријата „музички амбасадор“ годинава добива пијанистот со светска репутација Симон Трпчески.
Со својата фасцинантна концертна активност ширум светот, Симон Трпчески веќе одамна дејствува како своевиден музички амбасадор и како амбасадор на севкупната култура на Македонија.
Неговиот проект „Македонисимо“, премиерно изведен пред пет години на фестивал во Лудвигсбург, Германија, е своевидна музичка посвета на Македонија, на македонската народна музика и на луѓето од Македонија. Овие сплетови од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман на сите светски концертни сцени, каде Трпчески редовно ги изведува, се примени со овации и долготрајни аплаузи.






