Спорт
Авицена Женска трка ќе се трча на 6-ти септември
Во организација на Сојуз на Спортови на Скопје и А.К. Работнички, а под покровителство на Град Скопје, во недела, на 6-ти септември, ќе се трча долгоочекуваната Авицена Женска трка. Поради вирусот Ковид-19, трката ќе се одржи според специјален протокол одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Подигнувањето на стартните броеви на учесничките ќе биде во петок, 4-ти септември, пред А1 куглана во СЦ „Борис Трајковски од 12:00 до 18:00 часот и во сабота, 5-ти септември од 10:00 до 18:00 часот. Ограничениот број на учеснички ќе мораат да го почитуваат специјалниот протокол и правилата во него. На секоја учесничка ќе и биде направен термален скрининг, а носењето на маска е задолжително. Исто така, задолжително е држење на дистанца од 1,5 метри, без групирања додека се одржува трката, а на повеќе места ќе има поставени и задолжителни средства за дезинфекција на раце.
Зоната на стартот на трката ќе биде пред главниот влез на А1 Арена -СЦ Борис Трајковски, со старт во периодот од 8.30 до 9.45 во интервали според стартниот број. Учесничките ќе трчаат патека од вкупно 3.000 метри. На стартната линија ќе се редат 5 учеснички кои што ќе чекаат знак за старт од судиите. Веднаш по стартот на трката се трча лево до подвозникот кај Хотелот Александар Палас, каде што се врти десно и се влегува во Градскиот Парк каде што патеката ќе биде означена со конуси, траки и на одредени места ќе има волонтери коишто ќе ги насочуваат учесничките за правецот на трчање. Целта ќе биде во Градскиот Парк зад Ботаничката Градина. Патеката за трчање ќе биде обезбедена и обележана, а на 1,5 км ќе има поставено и контролна точка за чиповите.




