Трчај бе – нов спектакл во спортскиот календар на Битола
Точно 770 пријавени натпреварувачи од 10 земји, меѓу кои македонската атлетска елита и актуелната балканска шампионка, викендов ја истрчаа Битола на првата градска трка Трчај бе, организирана од група ентузијасти кои решија Битола да стане град на трчачи.
“И се случи Трчај бе на Битола, успеавме да го организираме најмасовниот спортски настан кој некогаш Битола го имала. Би сакале настанот да ни прерасне во традиција за сите нас” – изјави директорот на трката Никола Димитровски, по професија адвокат и вљубеник во трчањето.
Тој заедно со група ентузијасти неколку месеци интензивно ја ширеа идејата дека и Битола треба да добие градска трка и да стане град во кој луѓето ќе се поттикнат да трчаат.
Пријавени беа поединци и тимови од многу комапнии, факултети, здруженија, семејни тимови кои направија вистински спортски празник за градот под Пелистер. Никогаш Битола не била толку раздвижена во недела наутро.



