Ракомет
Вардар ќе ја брани европската титула во Келн!
Македонскиот првак Вардар втора година по ред ќе игра на завршниот турнир во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ денеска во реванш четвртфиналето загубија од Кил со 28:27, но благодарение на победата на гостински терен со 29:28 и повеќе постигнати голови на гости обезбедија Ф4 во елитното натпреварување во кое го бранат трофејот.
Гостите најавија тежок натпревар за Вардар со водството од 3:0, но нашите ракометари го „свртија“ резултатот во своја корист и поведоа со 8-5 во 12.минута. До крајот на полувремето Кил стигна до изедначување 13:13. Вардар повторно водеше со три разлика (20:17) во 40.минута, плус три имаше и во 45.минута. Во последните десетина минути германскиот тим фати приклучок и го одведе мечот во драматичен финиш и пирова победа.
Вардарци бодрени од преку 6,5 илјади гледачи во преполниот СЦ „Јане Сандански“ го одиграа последниот натпревар во Лигата на шампионите во овој состав.


