11-ти мај – Ден на културата во сообраќајот
Препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, на 11 мај 2015 година, во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена ореганизација, за првпат е организиран настан во чест на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот. Овој настан прерасна во традиционална манифестација позната како „ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ“.
Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Сообраќајната култура е дел од општата социјална култура. Градењето сообраќајна култура е континуиран процес, кој започнува од мали нозе. Самиот процес на едукација, односно самиот процес на градење на сообраќајна култура е далеку полесен процес од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот.



