Актуелно
5.000 емисија „Културна клучалка“ на Македонското радио-Радио Скопје
Македонското радио-Радио Скопје денеска на своите бранови го емитуваше јубилејното 5.000-то издание на дневната емисија од областа на културата, КУЛТУРНАТА КЛУЧАЛКА.
За македонскиот медиумски простор ова е речиси незабележан програмски континуитет од над 20 години (овој своевиден радиски културен подиум своето прво издание го имаше на 5 март 2003 година), во кој секојдневните едночасовни емисии КУЛТУРНА КЛУЧАЛКА (се емитуваат секој работен ден од 13 до 14 часот) им овозможуваат на слушателите да ѕирнат низ тоа што го пропуштиле минатиот ден или да го одберат својот „културен фаворит“ за тековниот ден. Статистиката бележи над 30.000 прилози од сите сфери на културата и уметноста споделени со радиската публика низ изминатите 2 децении.
Во овој период, пред микрофоните на „Културната клучалка“ биле еминентни светски и македонски културни работници и уметници: од Јустејн Гордер, Давид Албахари… до Петре М. Андреески, Радован Павловски или Гоце Смилевски, Лидија Димковска или Пијан Славеј, од Џим Шеридан и Фатих Акин до Милчо Манчевски, Горан Столевски или Дејан Пројковски, од Ванеса Редгрејв, Џереми Ајронс, Ричард Гир, Викторија Абрил преку Милена Дравиќ, Мира Фурлан, Раде Шербеџија или Милош Биковиќ до Мето Јовановски, Бајруш Мјаку, Бедија Беговска, Билјана Драгичевиќ или Сашко Коцев, од Хозе Карерас, Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Максим Венгеров до Симон Трпчески или Ана Дурловски и Весна Гиновска Илкова, од Збигњев Прајснер до Дуке Бојаџиев, од Едвард Луси Смит до Владимир Георгиевски, Ибрахим Беди, генерациите на семејствата Коџоман или Корубин до Шќипе Мехмети, од Рина Усикова до Виктор Фридман, од Вера Битракова-Грозданова до Елизабета Димитрова, од Пети Смит и Шарлин Спитери („Тексас“’) преку Ѓорѓе Балашевиќ до членовите на „Леб и сол“ или „Фолтин“..




