Актуелно
Бионичката рака на македонскиот тим „Ебионикс“ е глобален победник на натпреварот „Младински предизвик“
Во Њујорк, УНИЦЕФ заедно со партнерите ги прогласи осумте победници на глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020. Меѓу нив, во категоријата севкупни победници на возраст под 18 години, победник беше тимот eBionics со решението VenusArm (Раката на Венера) – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.
„Пресреќни сме и благодарни за признанието и вербата во нашиот тим и во потенцијалот на идејата. Возбудени сме што овој предизвик ни дава можност да ја претвориме нашата идеја во реалност и да допреме до што е можно повеќе луѓе ширум светот “, рече Орхан Багашов, лидер на тимот. „Нашата главна цел е бионичката рака да биде достапна за оние на коишто им е најпотребна. Се надеваме дека ќе имаме голем број корисници на кои бионичката рака ќе им понуди нови можности и ќе им изнуди насмевка. На младите би им препорачале да веруваат во тоа што го прават, иако можеби на почетокот изгледа неостварливо – постојат иницијативи, организации и луѓе кои веруваат во нив и ги поддржуваат.“
Оваа година глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020 се одржа во 36 земји од целиот свет, а учествуваа над 180 тима. Ова е вторпат младите од Северна Македонија да добијат глобално признание. Во 2019 тимот Андромета се најде меѓу светските победници со нивната мобилна апликација Speak Out за поддршка на менталното здравје и заштита од врсничко насилство меѓу младите.



