Актуелно
ГЕА со оригинално видео го честита Меѓународниот ден на жената
По повод Меѓународниот ден на жената, Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, која се залага за еднаквост на работното место, премиерно објави оригинален видеоспот со кој го честита 8-ми март, Меѓународниот ден на жената.
Главната порака на спотот е претставена преку отсликување на едно работно место во кое директорот низ неколку примери предизвикува родова нееднаквост помеѓу една вработена и вработените од спротивниот пол. Исто така, ги прикажува и обичаите во нашето општество поврзани со 8-ми март и со подарувањето на свежо цвеќе или цвеќе во саксија за Меѓународниот ден на жената, кои најчесто се случуваат само затоа што “така требa”.
Слоганот на видеоспотот гласи: “Со поголема саксија нееднаквоста не се маскира, 8-ми март е да се дискутира!”, бидејќи Меѓународниот ден на жената е всушност ден кога треба да се одбележи борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, клучна поента која често се засенува со подарување на подароци и необрнување на внимание на родовите нееднаквости и неправди кои се случуваат на работните места.



