
Актуелно
ИФФК „Браќа Манаки“ годинава со централен настан на отворено
Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека фестивалот нема да се одржи во својата реална форма, но дека достојно ќе биде одбележан со еден централен настан во Битола, што ќе се одржи на 19-ти септември, 2020 во Пациото на Музеј и завод на Битола.
Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на нашата публика, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.
На овој настан ќе се обратат покоровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, Амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот. За време на овој настан ќе има и обраќање на добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински преку видео врска, а целиот настан ќе се пренесува во живо на Првиот програмски сервис на МТВ, и на ФБ профилот на фестивалот.



