РСБСП: Иднината на одржливата мобилност е во твои раце – вози велосипед!
„Европска недела на мобилност” e активност, односно кампања која на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година, во периодот од 16 до 22 септември. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето, велосипедизмот.
Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредните 7 дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.Возењето на велосипед, или велосипедизмот, како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити,- персонални, економски, социјални, еколошки и многу други. Како резултат на сите овие бенефити, луѓето сѐ повеќе ги заменуваат своите автомобили со велосипеди како начин на мобилност и транзитирање до посакуваната дестинација. Истражувањата покажуваат дека во измината деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина.
Прво и пред сѐ треба да се потенцираат здравствените бенефити од возењето велосипед. Општо познато е дека луѓето коишто инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот.


