Под мотото „И покрај се“ официјално беше отворено 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Браќата Манаки ја започнаа, а ние сме тука да ја продолжиме нивната филмска визија. Новото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ почна со музички настап на Каролина Гочева, која придружувана од Никола Мицевски на пијано изведе неколку нумери од филмови, а неизбежниот црвен килим и годинава беше впечатлив.
-Изминативе неколку недели се околу нас инаетливо ни посочуваше дека нема да не биде и дека ќе се прекине филмот што го сонуваме. Се случија многу непредвидливи нешта. Покрај двегодишниот хорор филм наречен Ковид-19 проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот- а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Затоа кога е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на Фестивалот, ние решивме да доделиме не една, туку две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски.







