Актуелно
Aнестезиолозите од Гевгелија биле под дејство на алкохол
Анализата на примероците на крв извршена од страна на Министерството за внатрешни работи покажа 1,23 промили, односно 1,75 промили алкохол во крвта на лекарите анестезиолози кои учествувале во закажаниот оперативен зафат за породување во Општата болницата во Гевгелија во четвртокот во кој починаа родилката и новороденчето. Кај лекарите гинеколози не е констатирано присуство на алкохол во крвта, соопшти Основното јавно обвинителство – Велес.
Обвинителството веќе ја почна предистражна постапка за смртта на родилката и на новороденчето и во изминатите два дена се сослушани поголем дел од медицинскиот персонал кој го извршувал оперативниот зафат, а денеска продолжува сослушувањето на останатите лица од персоналот. Прибавена е и целокупната медицинска документација за оперативниот зафат и за прегледите на родилката што претходеле на зафатот, како и резултатите од извршените претходни испитувања.
