Актуелно
Македонските политички лидери на средба со Хан во Брисел
Лидерите на четирите најголеми политички партии од Република Македонија, Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ), денеска ќе имаат околу пет и пол часа време што еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе го издвои за нив со цел постигнување на конечен договор за ставање на крај на политичката криза во земјата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, високи извори од ЕК потврдија дека на денешниот состанок што ќе се одржи во салата за состаноци во зградата „Берлемонт” на ЕК во Брисел, е потврдено присуството на македонската политичка четворка, додека од страна на ЕУ, покрај комесарот Хан, се очекува да присуствува само известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл.
Според информациите од неформалната Влада на ЕУ, најпрво се предвидени издвоени, 45-минутни средби на комесарот Хан со Заев и неговата делегација во која се и Рената Дескоска-Треневска и Радмила Шекеринска (предвидено за 11:00 часот), како и со премиерот Груевски, кој доаѓа со Мартин Протоѓер, Никола Попоски и Никола Тодоров, а е предвидено билатерално да се сретне со комесарот во 12:15 часот.



