Актуелно
МОН ќе ја разгледа иницијативата за продолжување на летниот распуст
Министерството за образование и наука ќе го разгледа предлогот на хотелиерите кои бараат почетокот на учебната година да се одложи за 15 септември.
Заменик-министерот Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека ќе имаат средба со претставници на иницијативата но дека одлуката ќе биде донесена откако ќе се направи анализа и консултација со различни субјекти.
– Се работи за специфична иницијатива која не зависи само од волјата на МОН, па дури и од волјата на Владата, треба да се исконсултираат и искоординираат повеќе општествени фактори. Во следниот период ќе биде направена поширока анализа и коодринација и консултација со поголем број субјекти, врз основа на која потоа би можеле да процениме како би ја носеле одлуката. Неопходно е да бидеме уверени во аргументацијата која беше изнесена – еден од главните аргументи беше промената на временските услови, продолжување на сезоната поради интересот на туристите и на туристичките агенции но, од друга страна, ние како ресорно министерство за која било одлука мора пред се да го имаме интересот на учениците, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.



