Вести
МВР: Кривична за „убиство во обид“ за полицаецот што пукаше во малолетниците кај Струмица
Полицискиот службеник неосновано, неоправдано и неправилно употребил средство за присилба – огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција, утврдил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во врска со настанот од 11 август кај браната Мантово на влезот во Струмица каде полицаецот пукал во двајцата малолетници осомничени за обид за кражба.
– Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело „убиство во обид“, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија, соопшти Министерството за внатрешни работи.
МВР во соопштението наведува и дека најостро ги осудува обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти.



