Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

На денешниот празник „Благовештение“ бакнете ја вашата мајка

Актуелно

На денешниот празник „Благовештение“ бакнете ја вашата мајка

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица.

Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник. Со право некои го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Името на празникот

Благовештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос (JO Eujaggelismov~), а на старомакедонски (црковно-словенски) јазик: Благовештение(BlagovyÃen·e). Составено е од два збора: блага + вест, радосна вест.

Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија.

Бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во ВИИ век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.

Благовештение го празнуваат и Источната и Западната црква. Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Благовец – празник на мајките

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.

На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Денес, бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Именден

Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.

Датум на празникот

Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.

Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум: Првата е поврзаноста со Божик, а втората, со создавањето на човекот.

Уште од древноста, секогаш се празнувал на овој датум. Благовец е строго поврзан со Божик. Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април / 25 март с.к.), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари / 25 декември с.к.).

Врската, пак, со создавањето на човекот ја поставиле некои црковни писатели кои велат дека Благовештението и зачнувањето на Исуса Христа се случило на истиот датум и во тој ден кога бил создаден човекот. Бог го создал човекот без грев, но тој згрешил и требало да биде пресоздаден во истиот ден кога бил првпат создаден, а тоа е денот Благовец – кога започнува искупувањето на човекот.

Во третиот век, на Запад се појавиле пресметувања кои, според римскиот календар, посочуваат дека 7 април/25 март е денот на распнувањето на Господа Исуса Христа. Потоа, се мислело дека токму на тој датум Христос воскреснал. А сега многу ретко може да се совпадне празнувањето на Велигден со овој датум и кога тие ќе бидат заедно, во ист ден и Благовец и Велигден, тоа се вика Кириопасха.

Благовец останува на својот датум за празнување, но Велигден е подвижен и може да го доведе празникот Благовештение во ист ден со него или со другите подвижни празници.

Благовец се празнувал уште во ранохристијанската црква и традиција. Зачувана е прекрасна беседа од свети Атанасиј Велики, од ИВ век, во која вели дека Благовештение е првиот празник во редот на празниците, бидејќи е почеток на домостројот – на планот за спасение на луѓето. Слова за Благовештение, од истото време, имаат и свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов.

Првите празници во христијанството се поврзани само со Исуса Христа, бидејќи сè било сконцентрирано кон Спасителот, Којшто бил во центарот на сите славења и спомени. Потоа, се прошириле празниците и кон Богородица, меѓу кои е првенствено и празникот на Христовото воплотување, зачнување и отелотворување – празникот Благовештение.

Во петиот и шестиот век се појавиле еретички – погрешни учења за Богородица и за воплотувањето на Господа Исуса Христа, но тоа не го намалило празнувањето на Благовештение, туку напротив, уште повеќе се засилило ова празнување. Црквата и со празникот се борела против лажните учења, а ги збогатила содржините на богослужбените текстови со докази и со воспевања за боговоплотувањето и за Богомајката. Тоа, пак, најубаво и најмногу го направил свети Јован Дамаскин, во VIII век.

Богослужба на празникот

Благовец не го менува датумот на празнување, но е еден од најтешките и најсложените празници за богослужбата, ако поради подвижноста на Велигден, се совпадне заедно со другите велигденски празници. Ваквите совпаѓања го усложнуваат празнувањето на Благовец, а примерите за тоа се чести.

Благовец може да се падне во велигденскиот период најмногу: од четврток на Третата седмица во Постот до среда во Светлата седмица – до среда по Велигден.

Тогаш се прават заеднички богослуженија од двата празника, а дури и се поместуваат одредени пеења од Благовец, ако тој се совпадне со Велики Четврток, Петок или Сабота. Сепак, постојат запишани правила за тоа и се постапува според нив.

На Благовештение, без разлика во кој ден ќе се падне празникот, се служи полна Литургија на свети Јован Златоуст или на свети Василиј Велики, ако за тој ден со типикот е одредено за Василиева.

Народни преданија и суеверие

Народните преданија за Благовец сплеле многу обичаи и церемонии кои немаат никаква врска со верата и со Евангелието. Тие се чиста човечка измислица. Главно се со некоја поврзаност за времето и за името. Најпрво, се вели дека Благовец е благ ден и така се нарекува затоа што на тој ден дури и раната не боли.

На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи. За да не го боли, а да биде благо и добро детето, на овој ден им се дупнуваат ушите на девојчињата и им се ставаат првите обетки. Тогаш нема да се инфицираат и брзо ќе зараснат.

Потоа, со Благовец се поврзува и доаѓањето на птиците преселници: штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други, кои ја носат благата вест дека зимата си отишла и доаѓа пролетта, а со неа и новиот живот и сè што треба да оживее и да се сработи за новиот живот во природата.

Црковните камбани ја соопштуваат благата вест за зачнувањето на Спасителот на светот, а ластовицата ја носи благата вест за пролетта. Спроти празникот се мете и се чисти, а сметот се гори, за да изгори сето насобрано зло. Некаде ги пуштаат и птиците да не се затворени на овој ден, па дури и оние од кафезите. Се мисли дека на Благовец ни птиците не работат во правењето гнезда, па дури и не мавтаат со крилјата додека се застанати, туку само во лет. Кукавицата првпат кука, а мечките се будат од сон.

Какво ќе биде времето на Благовец, такво ќе биде и цела година. На тој ден излегуваат змиите, гуштерите и сите влекачи (што е очигледно дека излегуваат и многу порано некаде, а некогаш и подоцна!). Некаде се прави и обичајно гонење на змиите, на Благовец, со чукање по тави и тенџериња низ дворот и околу куќата, за да се исплашат и од викање да бегаат сите ползачи и гадинки, подалеку од куќите и од дворовите. А во тој ден змиите не касаат и добро е да прелазат некое алиште кое ќе биде за лек.

Жените не фаќаат игли и конци, на денот да не шијат, да не предат и да не плетат, дури ни косата, за да не ги каснат змии. А може да си заврзат некое конче за да не ги фаќаат очи и уроци. Добро е да си ставиш пара в џеб или да броиш пари на тој ден, за да имаш цела година итн. итн.

Препорачливо, пак, е на Благовец да се сади цвеќе, бидејќи тоа ќе биде особено миризливо и убаво. Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците благи (слатки) и здравоносни. На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат благи. А пчеларите првпат ги отвораат пчелите за да собираат мед.

Некои, на Благовец, првпат каснуваат коприва, спанаќ и новите зеленчуци. Девојчињата тогаш првпат замесувале пита и ја мачкале со мед, па им давале и на момчињата од нивната возраст блага пита. На тој ден и самовилите играат оро…

И сега, најважното во врска со ова! Сето ова е само суеверие и празноверие. Тоа нема никаква врска со верата христијанска, а повеќе е исмевање на верата и и штети на нашата вера. Ова суеверие е неразумно однесување кон празникот и кон светоста на овој свет ден. Ова не им приличи на православните христијани и на вистинските верници. Треба да се отфрлаат овие суеверија и празноверија од вистинскиот христијански живот и од христијанската побожност. Тие се нехристијански и нецрковни. Тие се остаток на едно простонародие и претставуваат суеверност на простољудието!

Празничен ручек

Благовец се паѓа во текот на Велигденскиот пост и е посен празник. Традиционално се меси пита, а трпезата се збогатува и со суви пиперки, полнети со ориз и ореви, компир во разни варијанти, зелена салата и штрудла со јаболка и грис.

Честит празник на сите што празнуваат!

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.