Вести
На двата аеродрома 1,8 милион патници, повеќе од половина патувале со „Визер“
Преку двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид, во првите девет месеци од годинава патувале 1,8 милион патници при што е забележан годишен раст од 18 отсто, соопшти ТАВ Македонија, компанијата што управува со македонските аеродроми.
Во овој период, како што наведуваат, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 15.395, со годишен пораст од 12 отсто.
– Завршивме уште една фреквентна летна сезона на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, и сега сме подготвени за зимската сезона, која ќе почне на крајот од октомври со новиот зимски распоред на летови. Сумирајќи ги изминатите месеци важно е да се истакне дека по успешно завршените дискусии и преговори, на 1 јуни 2018 година, ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар отворајќи ја новата линија Варшава – Скопје, со фреквенција од шест лета неделно меѓу двата главни градови. На охридскиот аеродром отворивме четири нови сезонски летови – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава, додека од ноември 2018 Виена, како уште една нова дестинација и регуларна авиолинија ќе биде отворена од Охрид, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија. Тој очекува да продожат со истото темпо на двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај до крајот на 2018 година, што е повисок од официјалниот просек на ЕУ од 4,8 проценти и повисок од просечниот раст од 6,8 отсто на патнички сообраќај на аеродромите што не се во ЕУ.



