
Низ објективот
Македонец спречи паника во авион: „Инстинктивно реагирав, сакав да ги заштитам патниците“ (ВИДЕО)
Драматична ситуација се одвиваше на летот од Лондон до Глазгов, кога еден патник почна да извикува дека носи бомба, предизвикувајќи паника меѓу патниците. Напнатоста беше прекината благодарение на брзата реакција на Зоран Настески, кој со херојски потег успеа да го совлада човекот и да го држи под контрола до слетувањето.
Инцидентот се случи околу десет минути пред крајот на летот, кога агресивниот патник почна да извикува политички и верски пароли, вклучувајќи „Смрт за Америка“ и „Алаху Акбар“, тврдејќи дека има експлозив.
Зоран Настески, кој е роден во Скопје, со потекло од Македонија и Србија, моментално живее и работи во Велика Британија. Тој го пресретна човекот, го собори на под и му го одзеде телефонот, додека друг патник му се приклучи во обезбедувањето.
„Не размислував многу – само сакав да ги заштитам луѓето околу мене. Се исплашив кога помина до мене со кафе и телефон, но потоа почна да вика за бомба и мораше некој да реагира“, раскажа Настески.
По слетувањето, безбедносните служби веднаш интервенираа и го уапсија 41-годишниот маж. Настанот беше снимен од патничка, а видеото подоцна го сподели и самиот Настески. Записот брзо се прошири на социјалните мрежи и беше пренесен и од странски медиуми, вклучително и NDTV.
Настески, кој веќе десет години живее во Обединетото Кралство, откри дека наскоро се сели во Србија со својата партнерка. „Се одлучив за Белград бидејќи таму е љубовта на мојот живот – Сандра“, изјави тој.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.


