Актуелно
Најмалку 42 лица загинаа, а 1.117 се повредени во новиот земјотрес во Непал
Билансот на жртвите од денешниот земјотрес во Непал се искачи на 42 лица, а 1.117 се повредени, соопшти непалското Министерство за внатрешни работи.
Епицентарот на потресот со интензитет од 7,3 степени, се наоѓал на 68 километри западно од градот Намче Базар, во близина на Монт Еверест, на длабочина од 19 километри под површината на земјата, соопшти американскиот Геолошки завод. Набрзо бил регистриран уште еден земјотрес со интензитет од 5,6 степени.
Според портпаролот на Меѓународната организација за миграција, четири лица загинале во градот Чаутара, северно од главниот град Катманду, кога по земјотресот се урнале неколку згради.



