Актуелно
Опозицијата поднесе иницијатива за импичмент на Иванов
Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието поднесе иницијатива за постапка за утврдување на одговорност за претседателот Ѓорге Иванов кој вчера прогласи аболиција за сите политичари и нивни соработници обвинети и осудени во случаите поврзани со материјалите од прислушуваните разговори.
– Со својата, како што рече тој, општа амнестија на политичарите, Ѓорге Иванов стана заштитник на криминалците, ги погази Уставот, законите и достоинството на граѓаните што е рамно на државен удар. Дополнително му зададе смртоносен удар на договорот од Пржино, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.
Иницијативата, според него, досега е потпишана од 37 пратеници, а во изјавата дадена пред зградата на Собранието, Сугаревски ги повика сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и, како што рече, да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија.



