Вести
Пивара Скопје продолжува со едукација за здрави и безбедни школски денови
По повод 28-ми април – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа, Пивара Скопје продолжува со реализација на проектот за едукација на учениците во основните училишта на теми поврзaни со здравјето и безбедноста во училишната средина. Оваа година со едукацијата се опфатени 1.500 четврто-одделенци од основните училишта во Гази Баба, Аеродром и Чаир.
Во рамките на проектот, учениците, во присуство на своите наставници, имаат можност да стекнат сознанија и практични совети за тоа како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање; како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа, при пишување и работа со компјутер и како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето.
Овие совети, на интерактивен и сликовит начин, прилагоден на возраста на учениците, им ги пренесуваат вработени во Пивара Скопје кои, во рамки на воспоставената практика на компанијата, редовно се обучуваат и ги освежуваат своите знаења од областа на здравјето и безбедноста при работа.



