Актуелно
Попоски: Помошта од ЕУ за справување со мигрантите засега симболична
За проблемот со мигрантите потребно е Европа да обезбеди заеднички одговор, оти ниту една земја не може проблемот да го реши сама со сопствени ресурси. Помошта за Македонија од Брисел засега е симболична. Очекуваме третман од ЕУ како кон земја членка, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски.
– Во комуникација сме и со нашите соседи и со ЕУ и со ОН, бидејќи се работи за проблем кој не е од или за Македонија, туку Македонија е само една од дестинациите која е дел од рутата. Бараме решение да се справиме со многу зголемен наплив. Од една вообичаена динамика од 500-600 мигранти кои влегуваа на македонска територија се соочивме со ситуација во која неколку илјади доаѓаат наеднаш, рече Попоски на новинарско прашање по посетата на Летниот камп 2015 „Ја сакам Македонија“ во Охрид.
Според него, очигледно нашата состојба е многу специфична бидејќи сме единствена граница на оваа рута во која мигранти доаѓаат од земја членка на ЕУ на територија на земја која не е членка на Унијата.



