Актуелно
Православните верници го празнуваат Водокрст
Овој ден меѓу народот е познат како Водокрштение или Водопост. Водокрштение се вика поради тоа што на тој ден се крштева (се осветува) водата, а Водопост веројатно се добило од Водици и постење, бидејќи Водопост е посен ден.Овој ден не е празник како што се следните два дена. На овој ден освен што се крштева вода, се пее и крстот и се прават последните подготовки за празникот Водици.
Во селото Слатино Охридско рано на утро, кон два-три часот на знакот на камбаната попот и кумовите одат во црквата „Богородица“ или Горна Црква, како што ја викаат, затоа што се наоѓа над селото. Секој кум носи по едно бакарно котле полно со вода во кое стои крстот на компанијата што тој ја претставува.
На средината на црквата има ставено маса врз која стои еден голем котел полн со вода и едно мало котле, исто така, со вода во кое стои црковниот крст. На масата исто така стојат и книгите од кои попот чита молитви. Околу масата кумовите ги стават своите котлиња и тие полни со вода. Додека доаѓаат кумовите и потоа додека се собира народот во црквата попот изведува служба, а со тоа ги пее и водата и крстовите. Од пеаната вода што се наоѓа во котелот подоцна луѓето земаат во шишиња и ја чуваат за лекување на разни болести. Откако ќе се соберат сите кумови и ќе ги наредат котлињата со крстовите околу масата попот заедно ги пее сите крстови и водата. Потоа ги преврзува крстовите, поточно ги преврзува само оние крстови што не се правилно врзани. Оние крстови пак, што се добро врзани попот само ги зема во раката, ги поткрева и пак ги остава. Но задолжително секој крст треба да го зема да го поткрене и дури потоа да го остави. Крстот правилно се врзува на тој начин што најпрвин посебно се врзува босилекот со црвен конец, а потоа се прицврстува на крстот при што не се мота туку само се прекрстува колку да држи и тоа задолжително од задната страна, за лицето на крстот да е чисто.



