Актуелно
Премиерот Груевски му врачи орден на РМ на претседателот Џорџ Буш
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, вчера на гала вечерата на организацијата Македонија 2025, му го врачи Орденот на Република Македонија на Џорџ Буш, 43-тиот претседател на Соединетите Американски Држави.
Премиерот Груевски, соопшти владината прес-служба, истакна дека поради големиот придонес на поранешниот американски претседател Буш во градењето на пријателските односи помеѓу Република Македонија и САД тој го заслужува Орденот на Република Македонија кој го доделува Претседателот на Република Македонија.
– Претседателе Буш, дозволете ми во име на Владата на Република Македонија, во мое лично и во име на сите македонски граѓани да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам за придонесот кој го имавте за стабилноста на нашата земја. Поддршката која ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ценат денешните генерации Македонци и таа силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите помеѓу нашите држави. Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка која ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година ќе останат врежани во македонската колективна меморија, истакна премиерот Никола Груевски при врачувањето на Орденот на Република Македонија на 43-тиот американски претседател Џорџ Буш.



